Eвропскиот суд за човекови права ја казни Бугарија со 109.000 евра за случај со иселување на Роми

Според одлуката на Европскиот суд за човекови права, објавена вчера, Бугарија ќе треба да плати 109.000 евра како компензација за неимотна штета што ја претрпеле Роми кога пред три години биле иселени од пловдивското село Војводиново. Судот во Стазбур утврди повреда на бугарските власти во однос на правото на почитување на приватниот и семејниот живот на луѓето, а во врска со забраната за дискриминација.



На почетокот на 2019 година, 56 лица со ромско потекло ги напуштиле своите домови во селото Војводиново. Ова се случило по инцидентот во селото кога на 6 јануари 2019 година двајца браќа Роми претепале воено лице, Бугарин, кој бил хоспитализиран. Браќата Борис и Асен Пакетови ја признале вината и склучиле договор со обвинителството. Окружниот суд во Пловдив го осудил Борис Пакетов со 1 година затвор или 3 години условно, а неговиот брат Асен – 3 години затвор или 5 години условно.

Инцидентот предизвика сериозна тензија и протести во селото, а на страната на демонстрантите застана и кметот на селото, кој ги предупредил Ромите да си заминат. На 8 јануари 2019 година, тогашниот вицепремиер Красимир Каракачанов наредил „расчистување“ на илегалните ромски куќи во Војводиново, принудувајќи ги Ромите да ги напуштат своите домови.

„Така 56 бугарски државјани беа принудени да ги напуштат своите единствени домови и села поради нивното ромско потекло. Локалните власти и претставниците на тогашната влада на Република Бугарија не само што не се обидоа да го спречат овој прогон, туку го охрабрија и го организираа“, коментира Бугарскиот Хелсиншки комитет (БХК), кој ги застапуваше Ромите во случајот пред ЕСЧП.

Очекуваме обвинителството да нареди истрага и да ги преземе неопходните чекори за да ги изведе виновниците пред лицето на правдата, вели претседателот на БХК, Красимир Кнев.

Против Бугарија има десетина неизвршени пресуди на ЕСЧП во врска со одбивањето да се регистрираат здруженија за да се постигне признавање на македонското малцинство во Бугарија.