Професорот Александар Спасеновски, кој е автор на истражување на јавното мислење- 30 години надворешна политика и одбрана на Конрад Аденауер во разговор за РСЕ вели дека мислењето на граѓаните за руската агресија врз Украина е слично со граѓаните на земјите членки на НАТО и на ЕУ.
Професоре Спасеновски во истражувањето се наведува дека околу 50 отсто од испитаниците сметаат дека руската воена агресија врз Украина е неоправдана и неприфатлива, додека 26 проценти сметаат дека е оправдана и прифатлива. На каков заклучок упатуваат одговорите во однос на оваа тема во другите држави членки на ЕУ?
Според последното истражување на Евробарометар објавено на почетокот на септември оваа година може да се заклучи дека 57 проценти од испитаниците на европските држави изјавиле дека се задоволни од одговорот на Унијата во однос на руската агресија врз Украина. Во однос на нашата држава пак како за споредба 50,4 отсто од испитаниците изјавиле дека сметаат дека руската воена агресија врз Украина е неоправдана и неприфатлива. Споредбата на двата резултати упатува на заклучокот дека расположението на граѓаните во нашата држава е многу слично со мислењето граѓаните на другите држави членки на ЕУ и на НАТО во однос на оваа тема.
Во истражувањето се нотира и дека билатералните односи со Русија се влошени, односно од 17 отсто бројката се искачила на над 59 проценти. На што се должи зголемувањето на процентот?
За да имаме вистинска претстава за магнитудата на овие резултати треба истите да ги споредиме со слични истражувања направени во минатото. Така во ланското истражување на јавното мислење што го реализиравме со фондацијата Конрад Аденауер, а кој се однесуваше на трите децении од воспоставувањето на независноста беше испитувано и мислењето на граѓаните за билатералните односи на нашата држава со Русија. Тогаш како лоши овие односи ги оцениле 17,3 отсто од испитаниците. Споменатото значи дека за разлика од 2021 во 2022 година негативниот одиум на граѓаните кон оваа држава е видливо влошен. Ваквата состојба може да се доведе во корелација со руската агресија врз Украина што е видливо и од прашањето во претпоследниот дел од оваа анализа. Имено, како што рековме 50,4 отсто од испитаниците изјавија дека руската воена агресија врз Украина е неоправдана и неприфатлива.
Зошто има голема разлика во процентот на испитаниците кои сметаат дека односите со Русија се влошени во однос на бројката од 12 отсто кои сметаат дека Русија е непријател на земјава?
Да. Во четвртиот дел од истражувањето посветено на трите децении од воспоставувањето на одбраната и надворешната политика на нашата држава, меѓу другото беше испитувано и мислењето на испитаниците за тоа кои држави ги сметаат дека се наши пријатели, а кои дека се наши непријатели. Прашањата беа од отворен тип, односно немаа однапред понудени одговори и заради тоа е воочлива поголема диверзификација во одговорите на испитаниците . Вкупно земено во однос на прашањето која држава е наш најголем сојузник 37,4 отсто сметаат дека тоа е Србија, 24,1 процент изјавиле дека немаат одговор. Додека 19,8 проценти изјавиле дека сметаат дека тоа се САД. Во однос на тоа која држава е нашиот најголем непријател пак 44 отсто од испитаниците изјавиле дека сметаат дека тоа е Бугарија, 29,3 проценти изјавиле дека не знаат. Додека 12,1 процент изјавиле дека за нив тоа е Русија.
Целиот текст на следниот линк:
https://www.slobodnaevropa.mk/a/%D1%81%D0%BF%D0%B0%D1%81%D0%B5%D0%BD%D0%BE%D0%B2%D1%81%D0%BA%D0%B8-%D0%BD%D0%B0%D0%B4-%D0%BF%D0%BE%D0%BB%D0%BE%D0%B2%D0%B8%D0%BD%D0%B0-%D0%BC%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D1%81%D0%BA%D0%B8-%D0%B3%D1%80%D0%B0%D1%93%D0%B0%D0%BD%D0%B8-%D1%81%D0%BC%D0%B5%D1%82%D0%B0%D0%B0%D1%82-%D0%B4%D0%B5%D0%BA%D0%B0-%D1%80%D1%83%D1%81%D0%BA%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D0%B0%D0%B3%D1%80%D0%B5%D1%81%D0%B8%D1%98%D0%B0-%D0%B2%D1%80%D0%B7-%D1%83%D0%BA%D1%80%D0%B0%D0%B8%D0%BD%D0%B0-%D0%B5-%D0%BD%D0%B5%D0%BE%D0%BF%D1%80%D0%B0%D0%B2%D0%B4%D0%B0%D0%BD%D0%B0-/32057978.html




