Радев контра Пендаровски и уште седум колеги за влезот на Украина во НАТО

Бугарскиот претседател Румен Радев се спротивстави на дел од заедничката изјава на деветте колеги од Централна и Источна Европа, меѓу кои и Стево Пендаровски, кои дадоа поддршка за зачленување на Украина во НАТО.



„Шефот на државата Румен Радев не се согласува со целосниот текст на декларацијата усвоена од некои држави во Источна Европа во врска со членството на Украина во НАТО. Претседателот Румен Радев ги поддржува другите позиции содржани во документот“, се вели во официјалното соопштение.

Претседателите на Романија, Чешка, Полска, Македонија, Летонија, Литванија, Естонија, Словачка, Црна Гора и Македонија издадоа заедничка изјава, повикувајќи за поголема помош за Украина и и потврдувајќи ја својата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на државата.

Во документот тие напишаа и: „Не ги признаваме и никогаш нема да ги признаеме обидите на Русија за анексија на украински територии. Силно ја поддржуваме одлуката на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година во врска со идното членство на Украина“.

Токму против ова последново очигледно се изјаснува Радев.

„Бугарија е дел од декларацијата од самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година за идниот пристап на Украина, но оваа декларација беше усвоена во сосема поинаква безбедносна средина. Воените акции на територијата на Украина денес бараат да се разговара за нејзиното членство во Алијансата во рамките на целосниот состав на Северноатлантскиот совет и да не доведе до ризик од директно вклучување на земјите од НАТО во војната“, пишува Радев во својот официјален став.

„Одлуката за пристапување на Украина во НАТО треба да биде донесена само откако ќе се развијат јасни параметри за мирно решавање на конфликтот меѓу Русија и Украина, кои ќе бидат прифатени и имплементирани од двете завојувани држави“, нагласува тој.