Ѓоко Поповски, помошник-министер во Министерството за внатрешни работи, обвинет во случајот „Триста“ околу набавка на 300 возила за потребите на МВР, денеска не се појавил на рочиште што предизвика невообичаена реакција од обвинителката Фатиме Фетаи.
Адвокаткатите му појасниле на Судот дека на Поповски му е потребено мирување, дека е пред операција и дека за утре му е закажана лекарска контрола.
„Од ништо не произлегува дека тој е спречен да присуствува на денешното рочиште – изреагирала обвинителката Фетаи која побарала вешти лица да утврдат дали Поповски навистина не може да се јавува на закажаните рочишта. – Тој е обвинет, против него има постапка …Ако немој стори кривично дело јас ќе го гонам, па дури и да е на смртна постела“, изјавила таа како што пренесува МКД.Мк.
На ова реагирал адвокатот Боро Тасевски според кој таквиот вокабулар не е во ред.
„Какво е ова зборување судија, ако јас го кажев ова како дел од одбраната, досега ќе бев казнет од вас“, реагирал адвокатот Тасевски.
Случајот „Триста” се однесува на набавка на 300 возила за потребите на МВР, пренесува МКД.Мк, односно за оштетување на државниот буџет за 453.570 евра. Поповски, според СЈО, тендерот за купување, сервисирање и за одржување на возилата им го доделил на фирми кои немале најевтина понуда.





