Ако се изземе Турција, Македонија е на третото место на Балканот со 140 борци во Исламска држава од март 2016 до август 2017 година, покажува истражувањето на The Soufan Center (ТСЦ) насловено „По Калифатот“, објавено минатиот месец.
Податокот за Македонија е од март 2016 година и не е наведена информација колку од нив останале да се борат, а колку се вратиле.
Повеќе воини во ИС од Македонија во регионот имаат Косово и Босна и Херцеговина. Според податокот од април годинава, Косово дало 317 борци во ИС, од кои 138 останале, а 117 се повратници. БиХ, пак, во декември 2016 година во ИС партиципирала со 248 борци, од кои 115 останале, а 46 се вратиле.
Помала застапеност од Македонија во оваа класификација имаат Албанија со 90 борци во ИС во мај годинава, Србија со 50 во јануари оваа година и Бугарија со 10 воини во септември 2015 година.
Од картата изработена од Радио Слободна Европа врз основа на истражувањето на ТСЦ може да се види дека Македонија во европски рамки има повеќе борци во ИС од Италија (110), од Норвешка (90), од Финска (80) и од Швајцарија (70).
За овој проблем минатата седмица зборуваше и американскиот амбасадор во Скопје, Џес Бејли, на регионалната вежба „Странски терористички борци: Промовирање превенција и отпор“. Бејли тогаш спомена 150 борци од Македонија во ИС.
Според ТСЦ, земји со најмногу борци во ИС во светот се Русија (3.417), Саудиска Арабија (3.244), Јордан (3.000), Тунис (2.926) и Франција (1.910).





