Дали од наредната недела, Министерство за култура влегува во генерален штрајк?
Вечер.мк од извори во министерството на министерката (со скафандерот) Бисера Костадиновска Стојчевска, велат дека незадоволството на вработените во институцијата е огромно, особено по негативното мислење на Министерството за финансии кое и покрај информацијата дека средствата за покачување на платите се обезбедени во Буџетот на Култура, не даде согласност за потпишување на Колективен договор.
-Државата е за некого мајка, а за некого маќеа, велат од Култура.
„Имено согласно член 66, став 3 од Законот, на вработените од Министерството за финансии им се обезбедува трајно зголемување од 30 проценти на основната плата, како надополнување на редовната плата, почнувајќи од 1 јануари 2023 година. Ова решение е за поздравување и претставува законски модел, како работодавецот ги унапредува и зголемува правата на своите вработени“, велат нашите извори од Министерството за култура.
Навистина е лицемерно да се оцени барањето на Култура како нереално, а веќе следниот ден, со Законот за буџети да се обезбеди покачување од 30 % само за вработените во Министерството за финансии.
Според информациите на Вечер.мк, повеќе од 70% од вработените во Министерството за култура имаат помала од просечната плата во државата.
Одлуката за штрајк е донесена поради неиздржливата економско социјална положба во која се наоѓаат вработените во Министерството, како резултат на економската и енергетската криза.
Вработените во Министерството веќе ја добија поддршката од Собранието на УПОЗ како и од Синдикатот на културата, а сега на потег е министерката за култура.
Дали министерката за култура ќе покаже интегритет и ќе се избори за унапредување на правата на своите вработени или ова ќе биде почеток на битката ќе се знае веќе наредната недела.







