„Првични пресметки на болници, јавни институции и претпријатија, приватни фирми, училишта покажуваат дека сега за електрична енергија ќе треба да плаќаат речиси десеткратно повеќе.“ – вели весникот „Вечер“ во својата анализа со наслов „Сметките за струја, сега наспроти лани – грабеж“.
Покрај другото, во анализата се наведува: „Граѓаните, фирмите, институциите, јавните претпријатија и општините се соочуваат со предизвикот за редовно намирување на месечните сметки за испорачана електрична енергија. Податоците за висината на сметките за енергија се загрижувачки: само долгот на некои најголеми потрошувачи кон еден од најголемите дистрибутери во земјата достигнува повеќе од 35 милиони евра.“
„За струја должат болници, јавни институции и претпријатија, приватни фирми, училишта… Од општините во Полошкиот Регион деновиве предупредија на сериозноста на ‘струјниот’ удар, под кој се наоѓаат локалните претпријатија, институции и училишта.“
„Последната месечна сметка за струја во ОУ ‘Братство Миѓени’ во Тетово стигна до 72.000 денари за околу 2.200 киловати, а дополнително следуваат зимскиот период и сезоната на греење. Ова училиште во зимскиот период троши околу 15.000 киловати и, според новите цени, ќе треба да плаќа 450.000 денари месечно! На ова треба да се додадат и трошоците за затоплување на училниците и за набавка на 30.000 литри нафта за домаќинство.“
„Во уште полоша состојба се комуналните општински претпријатија, па поради високите сметки за струја може да се доведе во прашање и редовното снабдување со вода за граѓаните. Комуналните претпријатија се оставени меѓу високите трошоци за енергија и повисоки цени на комуналните услуги, што повторно ќе треба да го плаќаат граѓаните преку повисоки сметки.
„Проблемот со скапата енергија не е едноставен и треба да се најде заедничко решение со централната власт. ЗЕЛС прашува: зошто локалните самоуправи, институциите и комуналните претпријатија на општинско ниво се третираат како и другите претпријатија, што се оставени да плаќаат струја по пазарни услови?’ – изјави Душица Перишиќ, директорка на ЗЕЛС.“
„Високите трошоци за електрична енергија сериозно се одразуваат и на редовните активности на домашните стопански субјекти. ‘Сметките за струја во однос на минатата година, годинава растеа од 3,5 пати, па достигнаа висина од 6,5 пати поголеми цени во однос на 2021 год. Ова е голем раст на трошоците за работење и ретко која компанија може лесно да ги преброди.’ – нагласи Ангел Димитров, менаџер во компанија ‘Ангел АД мода’ од текстилната дејност.“





