Во игра за челното место на Агенцијата за национална безбедност покрај началникот по екстремизам Заре Милошевски се уште двајца кандидати од кои еден бил дел од тим во службите кој соработувал со американската агенција ЦИА.
Милошевски важи за близок до генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ, кој според Фокус напредувал во УБК во време на Сашо Мијалков е главен претендент да застане на чело на Агенцијата за национална безбедност, откако се уште актуелниот директор Виктор Димовски ќе замине на амбасадорска служба во Франција.
Покрај Заре Милошевски уште 2 лица од „куќата“ се во конкуренција за наследник на Димовски. Тоа се Зоран Мацкиновски, началник за стратешка соработка, и Љупчо Мреновски, началник на одделот за контраразузнавање. Тие, според добро упатени извори, се сметаат за „план Б“, доколку отпорот кон Милошевски биде преголем.
Според неделникот Зоран Мацкиновски, кој моментално е началник за соработка со стратешки партнери, му беше заменик на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Горан Николовски – Џони. Како напредуваше Џони, велат упатените, така Мацкиновски одеше по неговата линија на испразнети места.
Извори на Фокус велат дека кај Мацкиноски има двоумење дали воопшто да го прифати предизвикот за нов директор на АНБ, токму поради судбината на Џони, кој, по завршуваше на мандатот како директор на УБК повеќе не се смета за прифатлив кадар и е поставен на располагање без никакви задачи и одговорност.
Исто како и Милошевски, така и Мацкиновски напредувал во времето на Мијалков, со оглед дека се искачил на повисоки позиции во 2012 и 2015 година. Поради овој факт, за нив има одреден отпор во рамки на АНБ, но и во еден дел од политичкото милје, каде всушност се игра главната игра при изборот на новиот директор.
Што се однесува до Мреновски, пак, и тој важи за близок до дуото Мацкиновски-Николовски, а сите заедно биле дел од ист тим за соработка со ЦИА, пишува неделникот.






