Рускиот претседател Владимир Путин беше „турнат“ во војна против Украина за да постави нова влада во Киев, изјави синоќа поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони, во коментари кои веројатно ќе ги вознемират западните сојузници пред изборите во Италија, пренесе Ројтерс.
Не е првпат Берлускони, чија партија Форца Италија е дел од десничарската коалиција, која се очекува да победи на општите избори во недела, да ги брани акциите на Путин во Украина.
Говорејќи за италијанската јавна телевизија РАИ, Берлускони посочи дека одлуката на Москва за инвазија е одговор на апелот на сепаратистите од Украина.
Тој рече дека нивните лидери дошле во Кремљ и директно му рекле на Путин „те молам заштити нè, бидејќи ако не не заштитиш, не знаеме што може да се случи“.
Откако Русија го анектираше Крим во 2014 година, Берлускони рече дека го посетил полуостровот со Путин и ги видел локалните жители како излегуваат и му се заблагодаруваат на рускиот лидер.







