Поранешниот претседател на ЛДП и поранешен градоначалник на Скопје Ристо Пенов е најсериозен кандидат за министер за локална самоуправа во Владата, откако актуелниот министер и лидер на партија Горан Милевски најави повлекување од двете функции. Милевски за „Слободен печат“ потврдил дека утре ќе ја достави својата оставка во кабинетот на премиерот Димитар Ковачевски што значи дека Пенов во најскоро време ќе треба да пресече дали по речиси 20 години ќе се врати во политиката на голема врата.
Од ЛДП потврдуваат дека понудата за министерската функција веќе е упатена до Пенов, се водат разговори со него и се чека одговор дали ќе ја прифати. Ако скопскиот ексградоначалник ја одбие понудата, за ново лице на „Илинденска“ во игра се уште двајца од раководството, односно од Извршниот одбор на партијата.
Официјално, Милевски се повлекува од министерската позиција поради лични причини, како што вели, од замореност. Неофицијално, коментарите за повлекувањето на Милевски се лоцираат во разидувањето за францускиот предлог. Министерот е против францускиот предлог, наспроти владините партнери СДСМ и ДУИ и наспроти раководството на ЛДП. Пратениците од ЛДП, Моника Зајкова и Боби Мојсоски, гласаа за францускиот предлог.
Повлекувањето на Милевски, прво од министерската функција, а потоа и од местото претседател на ЛДП, го отвора патот потпретседателката и пратеничка Зајкова да застане на чело на партијата. Оттаму велат дека приоритет е прво на Ковачевски да му понудат кандидат за министер, а до декември, кога треба да се одржи редовниот конгрес, ќе следува процедурата за избор на нов партиски претседател. Зајкова веќе потврди дека се гледа себеси на лидерската позиција во ЛДП и, како што вели, многу ќе ѝ значи ако ја добие поддршката од Милевски и од членството како единствена одлука таа биде кандидатот за претседател на партијата. Зајкова не е во игра за министерската позиција.
Доколку Зајкова застане на чело на партијата, таа ќе биде првата жена претседателка на ЛДП, каде што досега се сменија пет претседатели – Петар Гошев, Рисо Пенов, Јован Манасиевски, Андреј Жерновски и во два мандата Горан Милевски.
Зошто, пак, Пенов го враќа во политиката, од партијата коментираат дека политиките на ЛДП се секогаш да прават спој меѓу искуството и младоста.
– ЛДП има потенцијал, но и своја институционална меморија. Тенденцијата на партијата е либералната идеологија да дојде до израз. Пенов и претходните претседатели на партијата секогаш се консултирани кога партијата носи клучни одлуки, иако во јавноста впечатокот можеби не е таков, бидејќи не се често присутни – велат од партијата.
По номинацијата на нов министер, се очекува партиските органи веднаш да почнат со организација на конгресот, кој треба да се одржи до 17 декември. Според партискиот статут, можно е самокандидирање за претседател на партијата, како и предлогот да дојде од општинските организации.





