Електронскиот систем на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство бил цел на хакерски напад во понеделникот.
Тоа предизвикало блокирање на редовниот работен процес и оневозможил исполнување на тековните процеси во надлежност на министерството, јавува МКД.мк.
Според порталот, се работи за посериозен хакерски напад при што биле избришани големи бази на податоци, особено податоци за субвенции, планови и тендери.
МВР води истрага за да утврди дали се работи за внатрешна саботажа или за надворешен упад.
„Нападот бил пријавен во Министерството за внатрешни работи, а поради сериозноста на проблемот системите во министерството не се во функција. Во моментот вработените во Секторот за информатички технологии при МЗШВ работат на отстранување на проблемот и повторно подигнување на системот“, се вели во соопштението на Министерството за земјоделство.
Она од што најмногу стравуваат вработените и земјоделците е можното бришење на податоци за неисплатените субвенции кои биле во вредност од околу 530 милиони евра.
За тоа колку изнесува долгот за неисплатени субвенции и колкава е штетата од нападот врз компјутерскиот систем на Министерството за земјоделството, одговор не може да се добие затоа што целиот систем е надвор од употреба.
За кратко време ова е втор хакерски напад на државна институција по оној врз Министерството за образование на 10-ти септември.







