Поради тоа што своеволно и спротивно на Уставот, Законот и Деловникот го оневозможил спроведувањето на граѓанската иницијатива на државно ниво за собирање на 150.000 потписи за распишување задолжителен дополнителен референдум за Законот за ратификација на Договорот за добрососедство со Бугарија, партијата Левица поднесе кривична пријава против парламентарниот спикер, Талат Џафери до Основното јавно обвинителство – Скопје.



Претседателкот на Собранието се терети дека, намерно и со умисла, преку противуставното, противзаконското и противделовничкото одбивање на уредната граѓанска иницијатива – поднесена од страна на група од 646 граѓани, на пропишаниот образец од страна на Државната изборна комисија – сторил тешко кривично дело против изборниот систем – „Спречување на избори и гласање“, казниво по чл. 158, ст. 1 од Кривичниот законик, со запретена минимална затворска казна од најмалку три години.

Во пријавата на Правниот сектор „Левица“ се истакнува дека, со ова свое инкриминирано деликтно дејствие, преку злоупотреба на своите службени овластувања, пријавениот арбитрарно го ускратил врховното колективно уставно право на граѓаните, како носители на народниот суверенитет, на т.н. директна демократија, свесно спречувајќи нивно непосредно изјаснување по пат на референдум.

Со тоа, тој од старт ја осуетил и ја спречил законската можност за собирање потписи за распишување државен референдум, гарантирана во Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните.