Маричиќ: Почнува скринингот, ќе се дијагностицира до каде сме и што треба да правиме

Денеска официјално почнува скринингот за усогласеноста на македонското законодавство со тоа на Европската Унија. Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ за МИА вели дека скринигот практично е фаза на дијагноза до каде сме и што треба да правиме.



Тој повикува дека сега е неопходно фокусот да се стави на градење на консензусот за продолжување на европските интеграции, градење на консензусот за уставните измени и на кој начин може и опозицијата да се вгради во процесот на преговори и процесот на евроинтеграција.

Маричиќ очекува скринингот да заврши во ноември 2023 година. Во однос на уставните измени неопходни за отворање на кластерите, вели дека тоа воопшто нема да биде лесен процес и оти од нас зависи кога ќе продолжиме со евроинтеграциите.

Дециден е дека веќе нема условувања или дополнителни нови услови од која било држава членка, вклучувајќи ја и Бугарија, туку јасно се дефинирани условите под кои ги водиме преговорите и под кои услови ќе го продолжиме после скринингот.

Нагласува дека во компромисот со Бугарија имаме доволно гаранции и за нашиот идентитет и за нашиот јазик и нема никакви шанси, ниту прилика да се случи каква била асимилација или бугаризација.

„Најпрво мислам дека треба да кажеме за граѓаните и да повториме дека Северна Македонија ги започна преговорите за членство во Европската Унија. Тие започнаа на 19 јули, практично тогаш беше и воведната сесија на скринингот. Тоа е многу битно за да сфатиме дека по 17 години чекање влеговме во нова фаза.

Таа фаза – скринингот е практично задолжителен дел на преговорите. Тоа не е нешто ново и не е нешто што се прави само за нас. Сите држави особено во последниов период коишто имаа или имаат активни процес на преговори поминаа низ овој процес на скрининг“, вели Маричиќ за МИА.