Иако пет членки на Европската унија не го признаваат и не е зачленето во Обединетите нации, Косово ќе поднесе официјална апликација за членство во ЕУ до крајот на 2022 година, со цел да добие пристап до придобивките од кандидатскиот статус, изјави министерката за надворешни работи Доника Гервала-Шварц.



„Рековме дека ќе аплицираме оваа година и ќе аплицираме оваа година“, изјави таа за телевизијата Клан Косова. „Исто така, ги известивме нашите меѓународни партнери дека нашата цел е да аплицираме оваа година, бидејќи сакаме да уживаме кандидатски статус во ЕУ“.

Гервала-Шварц истакна дека над 90 отсто од жителите на Косово се за членство во ЕУ и во НАТО и ги поддржуваат како „единствениот пат кон европската иднина“, што според неа ја прави апликацијата за пристап „сосем природна“.

Косово е „лидер на демократијата во нашиот регион“, рече шефицата на дипломатијата, додавајќи дека „нема причина Косово да се третира поинаку од другите земји во регионот, кои ни приближно не се толку демократски“.