На денешен ден во 1942 година Стефан Наумов – Стив си обезбеди посебно место во пантеонот на македонската борба за слобода на само 21 година, за што веднаш по војната меѓу првите борци од Македонија е прогласен за народен херој.
Тој ден Стив кај ресенското село Болно имал илегална средба со Димитар Мите Богоевски, исто така прогласен за народен херој, но биле откриени и опколени од бугарската полиција и војска, за на крајот од нерамниот бој двајцата да си го одземат животот за да не паднат во рацете на непријателот.
За каква закана го сметал фашистичкиот окупатор зборува распишаната награда од 200.000 лева за неговата глава, барајќи го жив или мртов. Покрај тоа, бугарската војска ги изложила телата на двајцата херои во Болно за да ги распознаат роднините на Мите, при што двете тела биле фотографирани од војниците. Потоа, Стив и Мите биле закопани во близина на местото каде што загинале, но бидејќи месното население почнало да ги посетува гробиштата бугарските војници ги откопале телата, ги оставиле покрај реката за да се распаднат, а потоа ги однеле во непозната насока.
По Втората светска војна на партизанските гробишта во Битола бил подигнат гроб на Стив Наумов, но тој останал празен. Во алејата на партизаните се наоѓа и гробот на неговиот брат Ѓорѓи Наумов (1914-1942), кој бил обесен во скопскиот затвор.
Роден во битолското село Лепенско во печалбарско семејство од леринско. Станува член на Комунистичката партија на Југославија во 1939 година, а една година подоцна бил избран за секретар на Месниот комитет на КПЈ за Битола. Во април 1942 година учествувал во формирањето на битолскиот партизански одред „Пелистер“, а на 6 мај истата година во Битола го убил бугарскиот областен полициски началник. Во јуни 1942 година станал член на Оперативниот штаб на Главниот штаб на партизанските одреди на Македонија.





