Германија ја премина црвената линија, која не требаше да ја помине, кога почна да ја снабдува Украина со смртоносно оружје од сопствено производство.
Ова во интервју за „Известија“ го изјави рускиот амбасадор во Германија, Сергеј Нечаев, пренесува Б92.
„Самиот факт што Берлин го снабдува украинскиот режим со смртоносно оружје од германско производство кое се користи не само против руските војници, туку и против цивилите во Донбас е „црвена линија“ што германските власти не требаше да ја преминат, имајќи ја предвид моралната и историската одговорност на Германија кон нашиот народ за нацистичките злосторства за време на Големата татковинска војна“, истакна дипломатот.
Нечаев изјави дека пумпањето на режимот во Киев со оружје, „како што бараат англосаксонските сојузници од НАТО од Германија“ е пат кој не води никаде, туку само го продолжува конфликтот и го зголемува бројот на жртви.
Дипломатот додаде дека процесот на повоено помирување меѓу народите на Русија и Германија сега, всушност, е „еродиран“.






