„Њујорк тајмс“: ЦИА и Пентагон стојат зад контраофанзивата на украинската војска

Пробивот на украинската војска во североисточните делови на Украина кои беа под окупација на руските сили е резултат на засиленото споделување на разузнавачки информации меѓу високи украински воени лица и нивните американски колеги во текот на летото. Добро планираната контраофанзива која деновиве бележи резултати на терен, е резултат на обезбедувањето на подобри и порелевантни информации од страна на Америка до Украина за руските слабости на терен.



Вака накратко угледниот магазин „Њујорк тајмс“ пишува за последната воена операција на украинската армија и напредокот на силите крај Изјум, клучното воено упориште во регионот Харков.

Според американскиот магазин, за време на војната во Украина, Америка на украинските сили константно им давала доверливи информации за руските командни пунктови, складиштата за муниција и другите клучни центри во руските воени линии. Таквото разузнавање во реално време им овозможи на Украинците да ги таргетираат центрите на руските сили, да ги убијат нивните генерали и да ги преместат резервите на муниција подалеку од руските линии на фронтот.

Но, американските разузнавачи како што пишува медимот, претходно изјавиле дека често подобро ги разбираат руските воени планови отколку оние на Украина. Загрижени дека споделувањето на нивните оперативни планови би можело да ги истакне слабостите и да ја обесхрабри континуираната американска поддршка, Украинците внимателно ги чувале нивните оперативни планови дури и додека американското разузнавање собра прецизни детали за тоа што Кремљ наредуваше а врвните команданти планираа.

Но, додека Украина ги објавуваше своите планови за возвраќање на Русите, високите лидери во Киев одлучија дека споделувањето повеќе информации со САД ќе помогне да се обезбеди поголема помош, тврдат некои американски челници пишува Њујорк Тајмс.

Во меѓувреме високи американски воени функционери одбија да кажат детали од планот за контраофанзивата на Украина или колку воени совети понудиле САД. Но, еден официјален претставник од Вашингтон рече дека Американците „постојано разговарале“ со Киев за начините на кои Украина може да го пригуши рускиот напредок на истокот на земјата.

Добивките на североистокот, вклучително и повторното заземање на Изјум, клучен железнички центар, беа најважниот напредок што Украина го постигна досега, велат американски челници.

Сè уште не е јасно колку широко ќе биде стратешкото значење на тие придобивки, но има знаци дека сегашната офанзива би можела да биде почетна фаза на движење што може значително да ја потисне линијата на фронтот на Русија, велат воени експерти и поранешни разузнавачи.

„Неколку месеци мислев дека Украина ќе ја врати Русија на линиите од 23 февруари до крајот на годината“, рече пензионираниот генерал-полковник Фредерик Б. Хоџис, поранешен врвен командант на американската војска во Европа.

Поранешен функционер на Пентагон и ЦИА Мик Малрој вели дека контраофанзивата на украинската војска се движи побрзо и зазема терен дури и побрзо од очекуваното.

„Сега е време украинската војска да ја искористи секоја можност што ја има за да ја деградира и уништи способноста на Русија за борба“, вели тој.

Сегашните и поранешните американски функционери ги пофалија софистицираните подготовки на Украина за контраофанзива. Одлуката на Украина да ја „рекламира“ својата контраофанзива на југ пред да го нападне североистокот е стандардна техника за погрешно насочување што ја користат американските трупи за специјални операции, кои ги обучуваат Украинците од анексијата на Крим во 2014 година, пишуваат американските медиуми.

Сепак, новата офанзива покажа дека руските сили не биле во можност да ги надминат основните проблеми откриени во првите денови од конфликтот, велат некои американски функционери.

Според нив руската војска продолжува да се бори со цел да ја одржи својата комуникација безбедна и да ги реши своите логистички проблеми. Исто така, како што наведува американскиот медиум, украинската воздушна одбрана продолжува да претставува закана за руските авиони, спречувајќи ја Москва да го искористи целосниот воен потенцијал.

Од она што и останува сега на Русија е тоа што таа во периодот што следи може да ја преиспита својата одлука да не го спроведува планот за создавање сили од големи размери за повторно да ја нападне Украина. Путин, исто така, може да се обиде да користи различни тактики во новата фаза на војната, особено ако мисли дека моралот на Украина е сериозно подигнат со успешната контраофанзива.

Некои високи украински функционери пак веруваат дека Русите би можеле да прибегнат кон сајбер напади насочени кон широк дел од земјата. Во тој контекст Георги Дубински, заменик-министер за дигитална трансформација на Украина, предвиде дека Русија повторно ќе се обиде да ја нападне енергетската мрежа на Украина во наредните месеци.

За потсетување Русија ја нападна енергетската мрежа на Украина во 2015 година, но овој пат Украина очекува Русија да употреби повеќе насочени напади за да уништи делови од енергетската мрежа.