Мицкоски се надева дека власта нема да го попречи референдумот

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека се надева дека шпекулации се написите во кои се вели дека власта се подготвува за отфрлање на референдумот за поништување на договорот со Бугарија, која ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе до Собранието.



Мицкоски вели дека треба да се остави на претседателот на Собранието Талат Џафери, да даде зелено светло за иницијативата по што ќе се тргне во поход кон потребните 150 илјади потписи за да се оди на референдум.

„Да гo оставиме Талат Џафери да го каже својот збор и да одиме на собирање на потребните потписи за организирање на референдум за поништување на договорот со Бугарија“, вели Мицкоски.

Според него доколку е спротивното, тогаш се потврдува дека кај СДСМ и ДУИ владее страв од волјата на народот со обидите за избегнување на референдумското изјаснување.

„Бегаат од предвремени избори, бегаат од народот, единствено не бегаат од криминалот и кражбите. Не заслужуваат да се викаат Влада, прават сѐ да ги влошат односите со опозицијата. Јас уште еднаш ги предупредувам дека единсвената одговорност ќе биде кај Владата, бидејќи не покажува демократски капацитет. Ова е одлична можност за демократско изјаснување на народот и на референдум и на предвремени избори“, изјави Мицкоски за иницијативата за одржување референдум.