Украинскиот оператор „Енергоатом“ на Телеграм објави дека шестиот – последниот оперативен реактор на нуклеарната централа Запорожје во Украина, е целосно исклучен.
Централата беше исфрлена од националната мрежа во неделата рано наутро. Се прават подготовки за ладење на реакторот, се вели и во соопштението.
Во изминатите денови реакторот работи во посебен режим на планирано истоварување со минимална излезна моќност, без напојување на мрежата, бидејќи далноводите беа оштетени од гранатирање. Според „Енергоатом“ – гранатирањето е од руска страна, која, пак, ги обвинува украинските војници.
И руските агенции известуваат за исклучување на шестата единица. Исклучувањето беше извршено во безбеден режим околу 04:00 часот по московско време, пренесува Интерфакс.
Исклучувањето на реакторот, наводно, нема целосно да ја елиминира заканата од нуклеарна катастрофа во услови на континуирани напади.







