Холандија останува строга со Македонија, министерот Хукстра во Скопје зборувал за безбедносната ситуација

Холандскиот министер за надворешни работи Вопке Хукстра кој вчера престојувал во посета на С. Македонија со својот колега министерот Бујар Османи разговарал за процесот на пристапување во ЕУ, билатералната соработка и безбедносната состојба, објавува Холандската амбасада во Скопје.



Во соопштението не се прецизира дали холандскиот гостин зборувал за внатрешната, регионалната или глобалната безбедност.

Министерот Хукстра му го честита на ,,народот на Македонија” Ден на независноста и ја потврдил целосната поддршка на Холандија за Македонија на нејзиниот пат кон членство во ЕУ. Тој ја истакнал важноста на реформите за владеење на правото како столб на заедничките вредности на ЕУ, како и ефикасно судство, реформи во јавниот сектор и борба против корупцијата, стои во соопштението од Холандската амбасада.

„Ќе останеме строги, фер и исто така многу ангажирани – затоа што веруваме дека ова е најдобриот начин за проширување и зајакнување на Европската унија. Во истиот дух, со задоволство ќе и помогнеме на Македонија на нејзиниот пат кон целосно членство во ЕУ“, рекол министерот Хоекстра на средбата со Османи.

Според соопштението холандскиот министер воопшто не го допрел прашањето за уставните промени согласно бугарските барања како услов за почетокот на преговори со ЕУ.

Во соопштението нема детали ниту за барањето на македонската валда за помош во струја од ЕУ за кое предходно зборуваше претседателот Пендаровски.

Фото: Томислав Георгиев