ВМРО-ДПМНЕ: Пендаровски e прв претседател во историјата кој не сака да го слушне народот

Пендаровски е прв случај во историјата Претседател на демократска држава кој не сака да го слушне народот. Ова е реакцијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ откако претходно денеска претседателот Стево Пендаровски кажа дека на референдумот кој го предлага опозицијата ќе се добие прашање во кое граѓаните се прашуваат дали сакаат да престамене да одиме кон ЕУ.



„Пендаровски кој е слуга на Владата, да каже како отфрлање на билатерален договор кој е основа за асимилација е антиевропски референдум?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ во својата реакција на изјавата на претседателот.

Од опозицијата посочуваат дека договорот со Бугарија е извор на сите негации на Македонија, македонскиот народ, историја и јазик, а оти со тој договор, експремиерот Зоран Заев ѝ наметнал товар на државата со работи кои, како што велат, ниту бугарските политичари пред тоа не се осмелувале да ги побараат.

„Договорот со Бугарија беше фрапантен и за најголемите бугарски шовинисти кои не веруваа дека постои македонски политичар кој ќе си ја негира нацијата и јазикот. И нормално дека откако Заев го проби дното, да доаѓаат се повеќе нови барања кои се понижување за држават. Затоа е време да ставиме крај на понижувањата. Заев, Ковачевски, Пендаровски и СДС не се Македонија, тие се несреќен исклучок, кој никогаш нема да се повтори“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Одговарајќи на новинарско прашање по седницата на Советот за безбедност, претседателот Стево Пендаровски кажа дека на предложениот референдум од опозицијата ќе добиеме прашање со кое, како што кажа, во суштина македонските граѓани ќе ги прашуваат дали сакаат да престанеме да одиме кон ЕУ.

Пендаровски во одговор на новинарско прашање дали e можно ако се даде поддршка за референдумот на ВМРО-ДПМНЕ да се добие компензација за уставните измени, рече дека „освен што такво нешто е крајно неморално и никој нормален тоа не го размислува да го направи, исто така едното го исклучува другото“.