И покрај скапата струја некои семејства се уште копаат криптовалути

И покрај енергетската криза, некои семејства се уште прават за 100 проценти повисоки сметки за електрична енергија, што укажува на копање криптовалути, беше објавено денес по седницата на Советот за безбедност во прилог на информацијата дека струјата треба да се штеди. Премиерот Ковачевски ги повика копачите на криптовалути да престанат да ја злоупотребуваат субвенционираната електрична енергија. На прашањето зошто не се прогласи копањето криптовалути за незаконско, Ковачевски рече дека за тоа ќе треба да се донесе законска регулатива.



Денешната седница на Советот за безбедност што ја свика шефот на државата Стево Пендаровски, се одржа во знакот на надоаѓачката криза за електрична енергија и суровините за нејзино производство, при што во изјавата по седницата премиерот Димитар Ковачевски порача дека Владата ги презема сите мерки за да се преброди претстојната зима. Тоа ќе биде најтешка зима во поновата историја на светот, рече тој.

„Владата побара од ЕСМ да го зголеми производството на електрична енергија за 25 проценти. Извршувањето на таа задача ќе го следиме секојдневно. Во најтешкиот период за нас кој почнува на 1 октомври и ќе трае до април идната година или и до летото, на сите граѓани и на малиот бизнис, ќе им обезбедиме најниска можна цена на електрична и топлинска енергија, по сегашната цена, со задржување на ефтина струја и 24 часовна достапност на електрична енергија без рестрикции“, рече Ковачевски.

Сепак, премиерот на прашање подоцна најави дека е можно зголемување на цената на струјата од почетокот на идната година, но рече дека Владата ќе стори се за да се ублажи ценовниот шок.