Еден од осомничените напаѓачи кои во серија напади со нож во Канада убија најмалку десетина лица и ранија 18, е пронајден мртов, додека по вториот, инаку негов брат, уште се трага.
Полицијата од провинцијата Саскачеван синоќа соопшти дека телото на Дамјен Сандерсон, на кое имало видни повреди, било откриено во едно од местата во кои се случиле смртоносните напади, пренесоа медиуми..
„Телото на 31-годишниот Дамјен Сандерсон е пронајдено на отворено, во близина на една куќа во која полицијата вршела претрес. Не можеме со сигурност да кажеме како загинал Дамјен, но можно е да бил убиен од својот брат, Мајлс Сандерсон, кој исто така можеби е ранет“, изјави полициската службеничка Ронда Блекмор.
Според полицијата, по Мајлс Сандерсон била издадена потерница уште во мај, меѓу другото, тој бил осуден на пет години затвор поради кражба.
Нападите со ножеви, кои се случија на 13 различни локации во домородната заедница Џејмс Смит Кри Нација и во кои покрај десет убиени има и 18 ранети лица, спаѓа во едно од најтешките злосторства во Канада во последните години.







