Џафери: Опозицијата не може целосно да го блокира Собранието

ВМРО-ДПМНЕ може да ги блокира само Комисиите што ги води, а Собранието ќе продолжи непречено да работи по однос на оние точки за коишто има предуслови, според Деловникот, да се работи, вели претседателот на Собранието Талат Џафери во интервју за Радио Слободна Европа.



„Јас мислам дека Собранието функционира и ќе функционира.

Во секој случај по одлуката за блокирање тоа си е право на опозицијата, како инструмент да го искористи во Собранието, тоа е во доменот на дискусиите што се одвиваат и во работните тела и на Пленарната седница“, вели Џефери.

Ако ВМРО-ДПМНЕ ги собере потребните потписи за референдум за уставните измени, претседателот на Собранието ќе ја почитува деловничката процедура и ќе го стави референдумот пред пратениците, вели Џафери во интервјуто и додава:

„Тоа е хипотетичко поставено прашање. Во секој случај има Деловник, има деловничка процедура, така што и јас како Претседател на Собранието и пратениците и кој било не може да ја одбегне процедурата затоа што е предусловена, освен ако не се однесувам, онака како што се однесуваат претседателите на комисиите по односни точки, на пример кои не ги свикуваат седниците. Но во секој случај јас ќе ги исполнувам сите обврски кои произлегуваат од Деловникот за работа на Собранието и од надлежноста и обврските на Претседателот на Собранието да ја испочитува процедурата, јас немам причина да не ја почитувам процедурата“, вели претседателот на Собранието во интервјуто за РСЕ.