Западот не треба да ја потценува воената моќ на Москва. На ова во интервју за Ројтерс предупреди началникот на германската одбрана, генерал Еберхард Зорн.



Според него, Русија има можност да отвори втор фронт доколку одлучи да го стори тоа.

„Поголемиот дел од руските копнени сили во моментов се ограничени на Украина, но не треба да го потценуваме нивниот потенцијал да отвори втора фаза од војната“, рече првиот човек на Бундесверот.

Тој потсети дека, покрај армијата, Русија има и морнарица и воздухопловство.

Поголемиот дел од руската морнарица сè уште не е распореден во војната против Украина, а руската авијација сè уште има значителен потенцијал, што претставува закана и за НАТО, нагласи Зорн.

Русија се закани дека ќе распореди нуклеарно и хиперсонично оружје во Калининград доколку Финска и Шведска влезат во НАТО, процес кој веќе е започнат.

Зорн истакна дека Русија и понатаму има значителни резерви.

„Што се однесува до нејзината армија, Русија е целосно способна да го прошири конфликтот регионално. Дека тоа би било нешто многу немудро од нејзина страна е друга приказна“, истакна генералот.

Во врска со воената ситуација во Украина, Зорн рече дека динамиката на рускиот напад е забавена, но Русија се уште притиска постојано напред.

Russia – Ukraine War