Хан: Македонија и Албанија се на добар пат кон ЕУ

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан од Тирана испрати позитивни сигнали кон Македонија и Албанија во однос на нивните аспирации за членство во Европска унија.



„Во февруари Комисијата ќе претстави стратегија за Западен Балкан за понатамошно зајакнување на неговата ЕУ-перспектива и на неопходните реформи во регионот. Една позитивна оценка за Албанија и Македонија, кои се на добар пат, треба да им даде основа на земјите-членки на ЕУ да го отворат патот за преговори за пристапување со двете земји. Бугарија ќе претседава со ЕУ во првата половина од 2018 година. Потоа следуваат Австрија, Романија, Финска и Хрватска – сите од нив држави што се залагаат за присоединување на Западен Балкан“, изјави тој пред новинарите за време на „ЕУ – Западен Балкан медија дејс“ во главниот град на Албанија.

Хан е оптимист и во однос на скорешното надминување на македонското-грчкиот спор за името.

„Климата меѓу Грција и поранешната југословенска Република Македонија (БЈРМ) се подобри. Се отвораат можности посебно во следната половина година“, рече тој.

Еврокомесарот го нарече „индикативно“ наведувањето на 2025 година од претседателот на Европска комисија, Жан-Клод Јункер, како оптимален рок за членство на Србија и на Црна Гора во ЕУ.

„Наведената година од претседателот на Комисијата, Јункер, во која би можеле да пристапат нови членки, е индикативен датум. Ниту една држава нема гаранција да се придружи до 2025 година. Ако само една година би била решавачка, опасноста за земјите од Западен Балкан би била да седат и да чекаат. Но, процесот на пристапување е тековен реформски процес. И која држава најпрво ќе се придружи исто така не е одлучено“, порача Хан.