Блинкен ја повика Србија да го одржи „Европрајд“

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја повика Србија да остане доследна на својата првична одлука да биде домаќин на меѓународниот настан „Европрајд 2022“ и да ја одржи парадата.



„Слободата на мирно собирање и изразување се суштински компоненти на здрава демократија. Ја повикуваме Србија да ја обнови својата посветеност и да биде домаќин на ‘Европрајд 2022’. ЛГБТИ+ правата се човекови права“,
напиша Блинкен на Твитер.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера изјави дека ќе се почитува одлуката на владата на Србија да не се одржи „Европрајд“, нагласувајќи дека доколку некој собир се забрани , ќе остане забранет.

Тој во изјава за медиумите рече дека настанот нема да се одржи и дека одлуката нема да се менува.

Меѓународниот настан „Европрајд“ секоја година се одржува во различен град, а оваа година требаше да се одржи во главниот град на Србија во текот на септември. Властите во Србија, сепак, се одлучија да го откажат овогодинешниот меѓународниот „Европрајд 2022“, посочувајќи дека нема безбедни услови за негово одржување.

Како одговор на ваквата одлука на државата, организаторите на „Европрајд“ изјавија дека настанот ќе се одржи и им порачаа на надлежните дека немаат право да откажуваат нешто што не го организираат, додавајќи оти забраната за одржување на настанот е противуставна.