Со поетското читање „Мостови” и врачување на наградитe, „Златен венец“, „Браќа Миладиновци” и „Мостови на Струга” синоќа заврши 61-то издание на меѓународниот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“. Свеченото затворање на манифестацијата годинава традиционално се одржа на Мостот на поезијата.



Кенсаку Таникава, син на лауреатот на 61. издание на Струшките вечери на поезијата, јапонскиот поет Шунтаро Таникава во име на својот татко вечерва на Мостот на поезијата во Струга го прими највисокото фестивалско признание „Златен венец“.

Во рамки на свеченоста наградата „Златен венец“ му беше врачена и на лауреатот од 2020 година, израелскиот поет Амир Ор.

На меѓународниот поетски митинг „Мостови“ беа врачени и наградите „Браќа Миладиновци“ на македонскиот поет и книжевен преведувач Зоран Анчевски и „Мостови на Струга“ што УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата го доделуваат за најдобар поет-дебитант на италијанскиот поет Џерардо Мазучо.

Покрај добитниците на наградите, на поетскиот митинг поезија читаа и поети од разни страни на светот, правејќи ја Струга по 61-ви пат престолнина на поезијата.

Годинашното издание на Струшките вечери на поезијата, според директорот на Фестивалот Тодорче Тасевски, по две изданија во услови на пандемија, се врати во препознатливиот формат.