„Сандеј тајмс“: Британската финансиска поддршка за Украина ќе секне до Нова година

Финансиската поддршка на Обединетото Кралство за војската на Украина ќе заврши до крајот на годината, изјави извор од Министерството за одбрана за „Сандеј тајмс“.



Лондон веќе му даде на Киев повеќе од 2,3 милијарди фунти (2,7 милијарди долари) воена помош, но кој и да е следниот што ќе ја води земјата, ќе мора да се справи со затегнатите јавни финансии и со намалениот јавен ентузијазам за продолжен конфликт.

„Реалноста, како што призна еден извор од Министерството за одбрана, е дека финансискиот придонес на ОК во воените напори ќе пресуши до крајот на годината“, се вели во написот на „Сандеј тајмс“. „Ова значи дека новиот премиер многу брзо ќе се соочи со прашањето дали да даде милијарди фунти дополнителна поддршка во време кога јавните финансии се под силно оптоварување“.

Велика Британија во моментов се бори со зголемената инфлација – се предвидува дека ќе достигне 18 проценти на почетокот на 2023 година – и со рекордните цени на горивото. Поттикнати од пазарните сили, прекинот на снабдувањето поради конфликтот во Украина и одлуката на Велика Британија да го прекине увозот на енергија од Русија, голем дел од ова покачување на цената се пренесува на потрошувачите, при што енергетскиот регулатор „Офџем“ ја зголеми границата на цената на енергијата во петокот до 80 отсто. Со овој потег просечно домаќинство ќе плати повеќе од 3.500 фунти годишно како сметки за енергија.

Истовремено, и покрај барањето на Киев за „солидарност“ од европската јавност, поддршката за британската политика на санкции кон Русија се намалува. Анкетата на „YouGov“ во март покажа дека 48 проценти од Британците поддржуваат зголемување на санкциите кон Русија, дури и ако тоа доведе до повисоки сметки за енергија, за во јуни поддршката да падне на 38 отсто. Слично на тоа, додека 49 проценти од анкетираните изјавија во март дека би прифатиле зголемување на даноците за да ја поддржат украинската војска, тој број оттогаш падна на 41 отсто.