Судејќи според блогот на Бугарска национална телевизија (БНТ), македонските историчари Блаже Ристовски и Тодор Чепреганов не се пожелни во заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања.
„Вметнете го внатре академик Блаже Ристовски и ќе видите каква битка ќе падне за оценката на некои конкретни историски настани и колку тешко ќе биде од нивна страна да ја признаат апсолутната историска вистина дека сите илинденци од востанието во 1903 година, вклучувајќи ги и водачите и идеолозите на национално-ослободителната борба во Македонија, како Гоце и Даме, се чувствувале Бугари. Поканете го за член на комисијата од македонска страна историчарот професор Тодор Чепреганов и ќе видите современ негативен пример на Александар Матросов, кој ја брани тезата дека бугарското администрирање на Македонија во периодот од 1941 до 1944 година не беше ништо друго освен фашистичка окупација“, се вели во коментарот објавен денеска.

Авторот го смета за половично и решението што го спомна македонскиот премиер Зоран Заев во интервју за црногорски медиум дека од изразите од типот „бугарски фашистички окупатор“ ќе се изостави првиот збор, бидејќи „во масовната свест и во јавниот говор на сите нивоа во Македонија кога ќе се каже ‘фашистичка окупација’ во периодот на Втората светска војна никој не разбира друга освен бугарска“.
Според Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија, кој го потпишаа премиерите Заев и Бојко Борисов на 1 август во Скопје, комисијата треба да се формира најдоцна три месеца по ратификацијата во двата парламента.





