Младиот македонски пливачки маратонец Марко Пејчиновски денеска успешно го заврши и последното 10 препливување на Охридското Езеро за ова лето, на релација Охрид – Струга – Св. Наум – Охрид во должина од 64 километри.
На празникот Голема Богородица го заврши последниот подвиг за време од 21 час и 42 минути со цел да докаже дека – се’ е возможно.
Вчера попладнето го почна препливувањето на 64 километри долгата делница Охрид-Струга-Св. Наум-Охрид, и денеска од стотици граѓани на Охрид со овации беше пречекан на охридското пристаниште.
Од почетокот на својата пливачка кариера, младиот маратонец прави подвизи кои никој досега ги нема направено. Неговата желба е секогаш да ги крева стандардите, да направи нешто поголемо, нешто потешко, да го тргне зборот „невозможно“ од речникот.
Марко на стартот од летото се појави со цел да исплива 250 километри низ десет испливувања, па откако реализираше досега девет маратони со 186 километри, сега ја заврши и последната делница од 64 километри.






