Министерот за економија Крешник Бектеши денеска во Арачиново потврди дека во системот има големи загуби на струја, но дека проблемот не е ограничен на една општина, туку на сите и ги повика сите надлежни институции, пред се Министерството за надворешни работи, да се вклучат во надминување на состојбите. Најмногу загуби на електрична енергија лани имало во Куманово 16,2 отсто, во Тетово 10,7 отсто, Гостивар 19,3 отсто, во Кичево 12,1 отсто, во Скопје 19,6 отсто, а тоа се случува и кај сите осумдесетина општини. Инаку, снабдувањето на Арачиново со електрична енергија продолжи откако денеска во оваа општина беа министерот Бектеши и претставници на ЕВН кои имаа средба со градоначалнокот Ридван Ибраими и граѓани на Арачиново, на која било договорено да се почитуваат законските прописи, што подразбира квалитетно снабдување со струја. но и редовно плаќање на сметките.
„Со градоначалникот Ибраими, со жителите на Арачиново, со претставници на ЕВН, разговаравме многу отворено во однос на загубите на електрична енергија. Јас како министер надлежен за секторот енергетика, иако немаме директни ингеренции во овој дел, но во легислативата секако имаме, би сакал јавно да повикам сите да ги почитуваме законите, се со цел да не направиме штета во делот на снабдување со електрична енергија, но и во делот на електро – дистрибутивниот систем на државата“, рече Бектеши по средбата.
Тој потврди дека има загуби на електрична енергија, но дека загубите на електрична енергија не се само во Арачиново. Притоа додаде дека не треба да се земе само Арачиново како општина во која не се плаќаат фактури за електрична енергија или дека се краде електрична енергија.
„Во секоја општина, па и во секое семејство понекогаш има некои што не ги почитуваат регулативите и затоа од понеделник екипите на ЕВН непречено ќе дојдат на терен и така ќе почне да се наплаќа електричната енергија во Арачиново, но не само во Арачиново. Ние денеска на Владина седница ќе прогласиме кризна состојба во делот на енергетиката на национално ниво, а како министер надлежен за енергетиката ќе побарам од МВР и од другите надлежни институции да постапат во сите општини каде што има загуби на електрична енергија бидејќи тие загуби, дали се прават намерно или ненамерно, се на товар на сите потрошувачи на електрична енергија. Не се на товар на една одредена компанија, било ЕВН, ЕСМ или МЕПСО, тие се на товар на сите потрошувачи, било претприемачи или домаќинствата, бидејќи загубите на електрична енергија се признаваат како трошок кога се одредува цената за електрична енергија“, рече Бектеши, додавајќи дека ги повикува сите надлежни институции вклучувајќи го и ЕВН да постапат согласно нивните надлежности се со цел да се намалат загубите во електроенергетскиот систем.
Бектеши нагласи дека крадењето на електрична енергија или незаконски приклучок во дистрибутивната мрежа е кривично дело, но дека тоа не е проблем на една одредена компанија туку е проблем на системот, на сите институции кои се надлежни да ја решат оваа работа вклучувајќи го и МВР и инспекциите, а секако и енергетските компании.
„Ние не сме тука да правиме драми и затоа преку дијалог, отворено ќе најдеме решение и овие работи ќе се надминат“, рече Бектеши, додавајќи дека е потребно да се овозможи непречено и праведно да снабдување со електрична енергија, а тие што копаат крипто валути и прават злоупотреби треба да постапи МВР согласно сознанија доставени од ЕВН.
Бектеши исто така рече дека според негови сознанија кои ги проверил во МВР немало пријави дека екипите на ЕВН биле спречувани да интервенираат и додаде дека „тоа ЕВН ќе го реши со своите вработени, дали кажуваат точни или лажни информации“.
Сепак, претставникот на ЕВН, на истата прес конференција ја демантираше изјавата на Бектеши велејќи дека се соочуваат со предизвици, како и дека имале доставувано дописи до сите надлежни институции.
„За да се пријави, треба вработен кога е на лице место да се јави на телефонски број и да пријави во МВР што не е едноставно и со истите тие да се соочува по судски процеси и тн“, рече тој.





