Ѓурѓај: Бугарија сака да измисли бугарско малцинство во Албанија

Во Албанија нема бугарско малцинство, а тоа се покажа и на претходните пописи, вели Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво „Илинден“ од Тирана и главен и одговорен уредник на македонскиот весник „Илинден“.



Изјавите за барање права за некакво бугарското малцинство во Албанија, според него, не се случајни, а обидите за прикажување на македонското малцинство како бугарско кои траат веќе неколку години сега се засилени.

„Бугарската пропаганда е зголемена во пресрет на пописот во Албанија кој ќе се одржи во октомври, и тие со секое средство се трудат да создадат некакво бугарско малцинство кое го нема. Во областите Голо Брдо, Мала Преспа, Гора и цело Врбник не постои бугарско малцинство. Им нудат пасоши, стипендии, посети на Бугарија.

Откако Бугарија влезе во ЕУ, Албанци земаат бугарски пасоши од економски причини. Ставот наш е јасен, во Република Албанија нема бугарско малцинство, бидејќи во сите пописи во Албанија нема изјаснети Бугари“, вели Ѓурѓај.

Има документи кои докажуваат дека во наведените региони живееле и живеат Македонци.

„Сите зборуваат на македонски јазик“, вели Ѓурѓај.

Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев уште во 2017 година тврдеше дека Бугарите во Албанија биле историски факт. Во Албанија се смета дека има околу 120.000 Македонци.