Косово со по 10.000 евра за семејствата на осудените од „Диво Насеље“

Косовската Влада на својата денешна седница донесе одлука да издвои вкупно 290.000 евра за семејствата на членовите на т.н. кумановска група што скопскиот Кривичен суд ги осуди за тероризам во случајот „Диво насеље“.



„Владата на денешната седница додели 290.000 евра за покривање на трошоците за семејствата на косовските граѓани осудени и убиени во Македонија во случајот познат како ‘Куманово’“, се вели во соопштението.

Премиерот Рамуш Харадинај пред владиниот кабинет објаснил дека одлуката подразбира оти секое семејство ќе добие по 10.000 евра.

37 лица беа обвинети за престрелките во „Диво насеље“,  скопскиот Кривичен суд за виновни прогласи 33 лица, а четворица добија ослободителни пресуди.

Познатиот албански публицист Кастриот Мифтарај изјави дека „оние кои војуваа во Куманово“ не заслужуваат да се наречат херои.

„Вистината можеби боли, но според мое мислење тие се неколку обични платеници, кои војуваат за пари. Тие се обидоа да предизвикаат војна меѓу Косово и Македонија“, изјави Мифтарај .