Лозарите не ја прифаќаат откупната цена на грозјето

Ниту 30 проценти повисока цена на грозјето од лани е прифатлива за лозарите од трите здруженија кои викендов протестираа во Неготино.



Како фарса го опишаа синоќешниот состанок меѓу ресорното министерство, винариите и лозарите, по кој Владата соопшти дека е договорено смедеревката да се продава по 13, а вранецот по 15 денари.

Првиот човек на Тиквешки лозаро-овоштари Дано Јошев вели дека тие не добиле покана за состанок, а на синоќешната средба биле присутни лозари, кои воопшто не протестирале.

Лозарите велат дека винариите прават манипулации со шеќерноста на грозјето, па се сомневаат дека објавените цени повторно ќе важат само за грозје со висока шеќерност над 21 малиган. За останатата количина под оваа граница, која е најголем дел од вкупното произведено грозје, ќе се нудат смешни цени, велат лозарите. Затоа, тие бараат смедеревката со 16 малигани да се плаќа по 18 денари, а вранецот со 18 малигани, 20 денари. За секој малиган плус, да се исплаќа по денар плус. Владата синоќа објави дека по средбата со лозарите и винариите, договориле за една третина повисока цена на грозјето од ланската.

„Откупната цена на грозјето годинава бележи најголем пораст од 30 отсто. Оваа година грозјето од сортата смедеревка ќе се откупува по 13 денари за килограм, а откупната цена на вранецот ќе биде 15 денари за килограм, што е за 3 денари повеќе во споредба со ланските откупни цени на грозјето. Зголемувањето на откупната цена на грозјето е резултат на договорот постигнат по исцрпните консултации на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со винарниците и лозарите“, се вели во соопштението од Владата.

Лозарите велат дека ако нивните барања не се прифатат, повторно ќе излезат на протести и блокади, на кои сега ќе им се придружат и другите земјоделци и сточари.