Македонскиот научник од светски глас Горазд Росоклија, професор на Медицинскиот факултет при универзитетот „Колумбија“ во Њујорк и член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) надвор од работниот состав, со резигнирана опсервација на својата татковина.



„КОЈ СУМ ЈАС, КОИ СМЕ НИЕ, ОД КАДЕ ДОАЃАМЕ, КАДЕ ОДИМЕ?

Ние Македонците сме народ кој (главно) одбива да ги проучува и да ги знае сопствените корени.

Нам постојано други ни кажуваа и ни кажуваат кои сме.

Најлесно се завладува со непросветен, а самобендисан и амбициозен ум.

Сега Бугарите национално ќе нè ‘(пре)воспитуваат’ и ќе ни ја одобруваат историјата, како што Германците беа превоспитувани од Европа по нацистичките злосторства.

Братската бугарска прегратка, која ќе ни го одземе македонскиот идентитет и ќе нè претвори во изумрена нација, историски артефакт, ни е ‘подарок’ од партијата (СДСМ) која нè воспитуваше (КПМ) дека ние Македонците немаме поголем непријател од нив, Бугарите.

Семејството што ме воспита да бидам Македонец, моето семејство, беше на врвот на листата за прогон од истиве што тогаш глумеа македонштина и богато профитираа, а сè во нив било лага, буквално сè.

Кога не знаеш кој си или се плашиш од тоа што си, луташ од крајност во крајност, во лимитите на сопствениот ум и таму ги сместуваш народот и нацијата кои ги водиш.

Ние, пак, народот, прифаќаме да се однесуваме како донесени од друга планета, луѓе без потекло, без корени, без дедовци и прадедовци, без историјата што сме ја создавале како Македонци, како секое царство на територијата на географска Македонија да почнувало од нула население.

Вредностите создавани со генерации и вградени во тоа кои сме, генерациите од кои и ние потекнуваме независно од царството кое владеело, ние денес ги фрламе на ѓубриште.

Зошто?

Поради глупавост, незнаење, да се додвориме на некој вожд да ни фрли помала или поголема коска, поради ветување. Не ни ветуваат злато, ни ветуваат датум, еј ДАТУМ?

Навистина зошто?

‘Кога хероите ќе ја напуштат сцената, кловновите настапуваат’ (Х. Хајне).

Македонија, откако пред 70 години ги ликвидира своите херои, на сцената гледа само кловнови во улога на лидери“, заклучува Росоклија во објава на Фејсбук.