Героски до Пендаровски: „За кого тоа ќе нема спас“

„За македонскиот идентитет не е неважно дали нашите деца ќе учат една софиска верзија на историската приказна за христијанизирањето и за описменувањето на Словените во раниот среден век, или сепак наративите ќе се усогласат со научните сознанија на водечките историчари и слависти“, пишува новинарот Бранко Героски во „одговор“ на изјавата на претседателот на државата Стево Пендаровски кој деновиве изјави дека „ако и по образложување на сите тие„препораки од македонската страна на комисијата на некого не му е јасно дека станува збор за препораки кои со ништо не задираат во македонскиот јазик и идентитет, тогаш за тие луѓе, кои и после ова не разбираат, нема спас.“.



…Од нас се бара бланко доверба во македонските претставници во мешовитата комисија, но и поддршка за упорното, папагалско повторување дека „идентитетот не е засегнат“ и дека „јазикот ни е чист“,вели Героски и додава:

На неочекувано груб и кавгаџиски начин, пред два дена оваа теза се обиде да ни ја „продаде“ и претседателот Стево Пендаровски.

На Фејсбук веќе напишав дека и јас сум убеден дека во овие препораки, македонската, јужнословенската, општословенската и балканската историја се толкуваат на бугароцентричен начин, со што се отстапува од востановените научни сознанија во македонистиката, славистиката и балканистиката. Со тоа се квалификував за списокот на оние за кои Пендаровски вели дека им „нема спас“.

Героски до Пендаровски: Вака не се разговара ни во биртија…

Патем речено, да спомнам дека таа негова изјава, од најголемиот македономрзец меѓу Македонците беше дочекана со воодушевување и со овации. Чисто да си знае Пендаровски во какво друштво е „виден“ и „прочитан“…

Што се однесува до мене, јас не прифаќам такво непристојно ниско ниво на комуникација ни со шефот на државата, ни со актуелниот премиер Димитар Ковачевски, а ни со министерот Бујар Османи. Затоа сум непријатно изненаден и разочаран од Пендаровски.

Дотолку повеќе што пред неколку месеци, тројца од нас на кои ни „нема спас“, бевме кај него и побаравме тој да организира една дебата на која интелектуалци „од лево“ и „од десно“ ќе разговараат за спорот со Бугарија, во обид да изнедрат една заедничка платформа. Со мене беше Владимир Милчин, а третиот кому му „нема спас“ нема да го кажам и ќе оставам самиот да се пријави и да ја потврди таа неформална средба кај Пендаровски.

Нејсе, зошто го кажувам сево ова?

Ова сепак не е панаѓур на суети. Големи се влоговите. Две држави водат многу сериозни преговори за важни историски прашања, а поради прифаќањето на Преговарачката рамка од наша страна, тие преговори сега се суштествен дел од процесот на пристапување на Македонија кон Европската Унија. Никој од оваа власт не може да очекува овие преговори да ги следиме со врзани очи и со ентузијазмот на погребникот Тричковски, односно со неговиот егзибиционистички дискурс според кој само смртта Македонија ја спасува од неа самата.

Од шефот на државата, кому не му е туѓа науката, очекувам да знае – или ако не знае, да научи – дека за македонскиот идентитет не е неважно дали нашите деца ќе учат една софиска верзија на историската приказна за христијанизирањето и за описменувањето на Словените во раниот среден век, или сепак наративите ќе се усогласат со научните сознанија и со хипотезите на водечките историчари и слависти не само во Македонија, туку и пошироко.

Од Пендаровски очекувам да има минимум респект кон стотина членови на македонската заедница, кои јавно укажаа на многу неодржливи тези во препораките на мешовитата комисија. Не е дозволено сите тие луѓе да се прогласат за „националисти“ и да се каже дека за нив „нема спас“.

Тоа не е никаков аргумент!

(…)

Има и странски слависти кои можат тоа да му го објаснат на претседателот. Патем, кога веќе спомнувам странци, не е лошо Пендаровски да се подраспраша малку и да размисли како ќе биде протолкувано од една друга членка на ЕУ бришењето на Византија од наративите за големата просветителска мисија на Кирил, Методиј, Климент и Наум, како и упорното инсистирање нашите деца повеќе да учеле за (бугарска) Тракија. Не е тоа баш случајно…

Сакам на крајот да му порачам на претседателот Пендаровски многу посериозно, без вакви изливи на нетрпеливост, да седне и добро да се информира за овие важни историски теми и да се посоветува со сериозни научници. Разноразните тричковци, ојлевци и дојлевци се добри за „уметнички дојам“, ама гледам дека просторот за такво чаталење по чаршија опасно се стеснил…

Јас сè уште пишувам и говорам со убедувањето дека на сите ни има спас и дека вреди овој труд што го вложувам за критичко опсервирање на преговорите меѓу Скопје и Софија.

Ако Пендаровски се убедил дека на поголемиот дел од македонскиот народ којшто е загрижен од ваквите преговори и договори навистина му „нема спас“, тогаш дошло времето да се запраша кого воопшто претставува и зошто“, порачува Героски.