Државата не мрдна со прст за 150-годишниот јубилеј од раѓањето на апостолот на македонската револуционерна борба Гоце Делчев, но историчарите, сепак, одржаа научна конференција со сопствени средства. Узурпаторите на власта, а во суштина најобични извршители на туѓи агенди, „немаа(т)“ ни за симболични награди за детскиот конкурс за Гоце, ама луѓето собираат пари меѓусебе и не дозволуваат да згасне ни овој вид оддавање почит на великанот. Иако покровител, претседателот крена раце од Охридскиот пливачки маратон, и тоа токму кога најголемата традиционална спортска манифестација од светски ранг во Македонија слави 60-годишнина, но спортски работници веднаш се понудија да го организираат.



„Self-help (самопомош) му е мајката! Самоорганизирање! Ќе треба паралелни институции да правиме, како Ругова едно време“, ќе заклучи професорката Билјана Ванковска.

Дотаму ли дојде работата? При годишен буџет од четири милијарди евра во една од најсиромашните земји во Европа, граѓаните дополнително (ќе) одвојуваат од џебот за нешта што им значат, а за кои еднаш веќе платиле преку даноците и другите давачки кон државата?! Само поради сервилноста заради лична корист на бандоглавите вазали и измеќари на непријателите на овој народ и држава што во нивно име раздаваат сè што не е нивно, а за кое е платено со реки крв и пот од генерации пред нив?!

Прво државните делегации и подопашниците на власта ќе положуваат цвеќе пред спомениците на хероите и ќе лажат за некаква светла иднина со откажување од светлото минато, а, откога ќе им го види грбот, народот потоа сам ќе си ги чествува своите јунаци?! Дејгиди жална Македонија ако тоа е беспаќето по кое (ќе) врвиш…

Покрај паралелизацијата, отпорот кон однародениве некадарници што глумат власт се манифестира и индивидуално. Среброљупците преоблечени во комисиски „историчари“ можат до утре сабајле да даваат препораки и да ја толкуваат историјата како што му одговара на некој друг, но не можат на родителите да им дојдат дома и да ги принудат на своите деца да им кажуваат поинакви приказни за видните личности од ова поднебје од тие пренесувани од колено на колено од памтивек.

Можат неовластени потписници на капитулации колку сакаат да забрануваат, па дури и да брусат симболи, за тие потем да се размножуваат со речиси геометриска прогресија, како израз на непокорот на секој поединец што има барем грам македонско во себе. И државата ја преименуваа, наспроти јасно изразената народна волја на пропаднатиот референдум, па најдете Македонец со минимум самопочит што ќе ја употреби омразената додавка на името на својата татковина. Кај него освен презир и гадење ништо друго не може да предизвика кокодакањето „северна“ од безрбетните подлизурковци во кожените фотелји и кога не мораат.

Паралелизацијата и индивидуализацијата на отпорот во моментов се каков-таков издувен вентил за акумулираната пизма кај обичниот македонски граѓанин, а посебно кај Македонците како директно изложени на систематската пресија од квислиншки „произход“. Арно ама, ниту една алтернатива не може да биде вечна замена за оригиналот, па ни гандиевското неприфаќање на секојдневното навредување на здравиот разум. Прашање е само на денот кога двете паралелни стварности ќе се судрат. А тогаш богами ќе летаат пердуви.

Колку и да е свесен еден народ дека неговите душмани како хиени одвај чекаат мешаница во неговиот двор за да му го урнат врз глава и последното парче небо што со судни маки си го беше искамчил за себе, но секое трпение, па и македонското, има крај. Посебно кога пред себе се имаат само две опции: да се (из)бориш за да не те снема или да го напуштиш родното огниште на своите предци за навек и да им го препуштиш на мршојадците.