Бесими: Од 1 јануари прогресивен данок, оданочување на камати…

Има законски решенија кои стапуваат во сила од 1 јануари 2023 година, како што се за оданочувањето на приходите над милион денари годишно и оданочувањето на каматите на депозитите, вели министерот за финансии Фатмир Бесими во интервјуто за МИА.



„Ние имаме законски решенија кои стапуваат на сила од 1 јануари 2023 година – тоа е прогресивниот данок каде што над милион денари годишно се одданочуваат со 18 проценти и 15 проценти е ставка на сите други доходи врз основа на данокот на личен доход – дали од капитал или од добивка или други основи. Тоа е законското решение.

И да не отвориме дебата, тоа стапува на сила. И кога зборуваме за данокот на камати на депозити, сакам да кажам дека и да немавме дебата и ако ништо не правевме како Министерство, од 1 јануари 2023 година тоа стапува на сила. Имаме законско решение кое уште во 1996 година е донесено во нашето законодавство за да се оданочуваат каматите на депозитите. Тоа неколку пати е прологирано и сегашното решение од јануари 2023 година стапува на сила. Но, ние сакаме да се дискутира за тоа и затоа го ставаме на маса, вели Бесими.

За најавеното оданочување на каматите на депозитите, Бесими појаснува:

„Предлог решението за каматите за депозитите се однесува само на орочените депозити на 12 месеци. И во другите земји во Европа и регионот тоа се оданочува. На пример, во Хрватска со 10 проценти, во Словенија со 27 проценти, во Унгарија и во Словачка со 18 и со 20 проценти. Се работи за мал износ на средства. Така, ако некој има депозит од 100 илјади денари орочен на 12 месеци, тогаш на каматата од 1.000 денари, данокот би бил 100 денари. Значи, на 100 илјади депозит годишно, оданочувањето би било 100 денари, појаснува Бесими.

Со ваквиот предлог, Бесими не очекува да дојде до одлевање на депозитите од банките.

За прогресивниот данок, вели, дека јавната дебата е клучна за да се дојде до најдобро решение, притоа не сакајќи да прејудицира дали лично смета дека треба да се воведе ваков данок.

Нагласува дека остануваат отворени за предлози и аргументирани решенија кои би произлегле од дебатата со цел да се подобри квалитетот на овој сет на реформи.МИА