Арафат Муареми веќе не е шеф на финансиската полиција

Откако Јавниот обвинител поведе постапки за суспензија на Вилма Русковска, се огласи и в.д. директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми.



За разлика од владини извори кои тврдат дека Муареми заминува како резултат на одлука на неговата партија СДСМ тој вели дека сам се повлекува од функцијата.

„Имајќи ја предвид одлуката на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески да поведе постапки за утврдување дисциплинска одговорност за сите три јавни обвинителки и да ја суспендира Вилма Русковска од функцијата основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поради незаконитото постапување и злоупотребата на службената положба и овластување, по своја сопствена волја се повлекувам од функцијата в.д директор на Управата за финансиска полиција. Ваквата одлука ја носам со цел во јавноста да не постои ни најмал сомнеж во интегритетот, непристрасноста и независноста на постапката која што и понатаму останува да се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Денешната одлука на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија даде јасна порака дека законите мора сите да ги почитуваат и дека злоупотребите на функциите за лични цели се недозволиви.“, се вели во соопштението од Арафат Муареми.

Од друга страна уште вчера извори во СДСМ најавија дека е донесена партиска одлука да дојде до смена на директорот на Финансиска полиција затоа што јавноста има сериозни сомнежи за неговата работа.