Македонија вовлечена во српско-украински дипломатски судир

Украинскиот амбасадор во Белград, Олександр Александрович, предизвика бура во односите меѓу двете земји, а еден вид колатерална жртва на дипломатскиот вител стана и Македонија.
„Владимир Путин воопшто не е загрижен за судбината на Србија. Тој, едноставно, ја користи Србија за создавање хаос и за предизвикување нови војни на Балканот, вклучувајќи ја и Македонија“, е дел од изјавите на Александрович за „Балкан инсајт“ што ги нарушија билатералните односи меѓу Србија и Украина.
Александрович, кој му го крена притисокот на официјален Белград и со тврдењата дека Русија обучува српски наемници за борба во Украина и оти преку српски екстремисти се обидела да изврши преврат во Црна Гора и го поттикнува одвојувањето на Република Српска од Босна и Херцеговина, беше повикан на консултации во Киев. Доцна синоќа идентично постапи и шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ со својот амбасадор во Украина, Раде Булатовиќ.