Под наслов „Видете како Македонија ќе не опишува во нејзините учебници“,  бугарски медиум пренесува дел од интервјуто на македонскиот премиер за црногорска АнтенаМ, во кој Зоран Заев дава пример како би изгледала „ревизијата“ во историските читанки.



Од “„бугарски фашистички окупатори“ ќе бидеме само „фашистички окупатори“, пишува порталот „Марица“ и објаснува дека Македонија има намера да ги ревидира своите учебници по историја за да ги зачува добрите односи со своите соседи.

„Македонија е мала држава и вистината е дека можеме да одиме напред само со пријателите“ – рече Заев според кој „10 години се караме со сите наши соседи и е добро човек да се запраша дали сите наши соседи не се во право или има некој друг проблем, нешто од нас проблем “, ги пренесува порталот зборовите на Заев.

Тој уште додаде дека Бугарија е сојузник на патот кон ЕУ, а од 1 јануари претседава со Унијата.

Кога  велиме „ревизија“, рече Заев во интервјуто, треба да гледаме на тоа, пред сè како зачувување на пријателството, да не користиме зборови како „непријател“ и го посочи примерот со Бугарија за која во учебниците стои „бугарски фашистички окупатор“ од Втората светска војна.

Може да стои само „фашистички окупатор“ и да се сочува пријателството, ги пренесува „Марица“ зборвите на премиерот Заев според кој истото важи и за терминот „Егејска Македонија“ која (Грците) ја нарекуваат Северна Грција.