Поранешниот евроамбасадор во Скопје, Ерван Фуере, во интервју за Алсат вели дека на македонските граѓани им беа потребни „тешки апчиња за голтање кога се во прашање Договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанскиот, но според него сепак ова ја докажа определбата на граѓаните и државата да ги извршуваат и постигнат главните политички цели.
„Тоа беа тешки „апчиња“ за голтање од македонските граѓани и мислам дека ова ја докажува определбата на граѓаните и државата да ги извршуваат и постигнат главните политички цели.
Многу ќе зависи од имплементацијата и како ЕУ ќе пристапи кон ова, фокусирајќи се конкретно на Договорот за добрососедство со Бугарија бидејќи за жал видовме дека што се однесува до имплементацијата, Бугарија се однесуваше повеќе како колонијална сила отколку како членка на ЕУ“ вели Фуере.
Тој е изненаден од обврската на македонската влада да направи уставни измени за да го признае постоењето на бугарската заедница во државата.
„Изненаден сум што нема отпор од владата за да се обезбеди реципроцитет по ова прашање бидејќи сите знаеме дека Бугарија и понатаму одбива да ги признае и спроведе одлуките на Европскиот суд за човекови права во однос на признавањето на македонската заедница во Бугарија. Затоа, ова ќе остане прашање за поделби во македонското општество и тоа е разбирливо.
Исто така и прашањето дека сега некои делови од Договорот за добрососедство се дел од преговарачката рамка и мислам дека тоа навистина создава нова невидена ситуација во процесот на проширување. Токму поради недостатокот на реципроцитет за признавање на заедниците во Македонија и Бугарија, мислам дека е срамно што ЕУ дозволи тоа да се случи затоа што која е целта на овој суд доколку не се почитуваат неговите одлуки“, заклучува Фуере.







