Неспособни почетници во надворешната политика направија договор со Бугарија во време на паѓање на најпрозападната влада што некогаш Бугарија ја имала во својата модерна историја, пишува екс пратеникот Илија Димовски за погрешната проценка СДСМ и ДУИ со Софија да потпишуваат договор во моментите кога бугарската влада ги има најдобрите можни односи со западот.
,,Таа влада на Петков ја прекина врската со Газпром, избрка над 70 руски дипломати, помагаше со оружје и репарации на оружје кон Украина, даде сериозна поддршка на проектот за градење на ЛПГ пункт во Александрополи и склучи договори за набавка на огромна количина на софистицирано западно оружје.
Следствено на тоа доби и небалансирана поддршка и разбирање од западот за своите барања кон Македонија.
Падна таа влада и на власт во Бугарија дојдоа други структури кои немаат ни пола од разбирањето од западот што го имаше Петков и неговиот кабинет. Оваа нова влада на Бугарија веднаш се зафати со делумна реверзибилност на политиките на Петков. Но, тоа се знаеше дека ќе се случи и не беше изненадување неговото заминување од власт”, вели Димовски кој смета дека ако имаше Македонија способна влада и сериозни политичари немаше да склучува договор со власт во Бугарија која ја имаше целата западна поддршка и разбирање, туку ќе почекаше неколку месеци (лесно видливо и очекувано) за да седне на маса за разговор со влада на Бугарија кон која западните моќни држави ќе имаа порезервиран став и однос.
Резултатот од таквиот однос ќе беше секако поповолен кон Македонија, смета Димовски според кого билатералните прашања и проблеми ,,никако не смееше и не смее да бидат дел од мултилатералните интереси и на Македонија и на другите држави, но нашата влада не разбра колку е тоа важно”.





