На предавање во Њујорк избоден Салман Ружди, автор на „Сатански стихови“

Индискиот романсиер и есеист Салман Ружди бил нападнат со нож пред настап во Њујорк, а неговата состојба засега е непозната.



Ружди, автор чие пишување доведе до смртни закани од Иран во 1980-тите, бил нападнат и избоден во вратот додека се подготвувал да одржи предавање во Западен Њујорк, потврди њујоршката полиција.

Докторката Рита Лендман, специјалистка за ендокринологија, која беше во публиката и се понуди да помогне, изјави дека тој има повеќе убодни рани, вклучително и една на десната страна на вратот и дека има локва крв под неговото тело. Но, таа рече дека изгледа оти е жив.

„Луѓето велеа: ‘Тој има пулс, има пулс, има пулс’“, пренесува весникот „Њујорк пост“.

Новинар сведочи како маж упаднал на бината во институтот „Шатоква“ и почнал да го удира со нож Ружди додека го претставувале. Авторот паднал на подот и потоа бил однесен, а мажот бил приведен.

Книгата на Ружди, „Сатански стихови“, е забранета во Иран од 1988 година, бидејќи многу муслимани ја сметаат за богохулење. Една година подоцна, починатиот ирански водач Рухолах Хомеини издаде фатва или указ, повикувајќи на смрт на Ружди.

Понудена е награда од над 3 милиони долари за секој што ќе го убие.

Иранската влада одамна се огради од декретот на Хомеини, но антируждиските чувства остануваат. Во 2012 година полуофицијална иранска верска фондација понуди повисока награда за Ружди – наместо 2,8 милиони долари, таа беше зголемена на 3,3 милиони долари.

Ружди потоа ја отфрли заканата, велејќи дека „нема докази“ дека луѓето се заинтересирани за наградата.

Таа година Ружди ги објави мемоарите „Џозеф Антон“ за фатвата.