Тајван го отфрли моделот „една земја, два системи“ предложен од Пекинг во владиниот извештај објавен оваа недела. Ова го соопшти Министерството за надворешни работи на самоуправниот остров, пренесува Ројтерс.
Само народот на Тајван може да одлучи за неговата иднина, изјави портпаролката на министерството Џоан Оу на прес-конференција во главниот град Тајпеј.
Кина ја користи посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси на Тајпеј како „изговор да создаде нова нормала за да го заплаши народот на Тајван“, додаде Оу.
Тензијата меѓу Кина и Тајван расте со месеци.
Кина го гледа островот како отцепена провинција која треба да се обедини со копното.
Тензиите ескалираа кога претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, го посети Тајпеј, и покрај повеќекратните предупредувања од Кина.
Набргу потоа, Кина ги започна своите досега најголеми воени вежби, кои Тајван ги опиша како подготовки за напад.






