Потребно е време за „сухоите“ од Македонија да се стават во употреба, велат од Украина

Портпаролот на воздухопловните сили на армијата на Украина, Јуриј Игнат, ја коментираше најавата за префрлање на авионите Су-25 од Македонија, нагласувајќи дека овој процес е во тек, но е тежок и потребно е многу време за таква техника да биде во функција.



Одговорајќи на прашањето дали Украина веќе ги добила борбените авиони од Македонија, Игнат истакна дека за такви работи „е многу опасно да се зборува, бидејќи на тоа многу чувствително реагираат диктаторот и земјата-терорист“, мислејќи на рускиот претседател Владимир Путин и на неговата држава.

Тој додаде дека процесот на пренесување на опрема од типот на тешки противвоздушни ракетни системи и авиони – во овој случај Су-25 – не е лесен, бидејќи е неопходно некако да се транспортираат и да се стават во функција.

„Засега, тоа е во процес. Од првата изјава до нивното пуштање во употреба – тоа е долго време. Се надеваме дека наскоро ќе бидат во функција“, рече спикерот на воздухопловните сили.

На прашањето дали Украина е запознаена со состојбата на овие авиони, Игнат одговори дека „го навестив тоа“ и оти треба да помине одредено време пред да се појават овие Су-25 во служба на украинските сили.