Тино Алексов е еден од основачите на СДСМ во Кичево уште во 1991 година. Цели 25 години има работен стаж во општина Кичево, каде моментално е раководител за енергетска ефикасност.
На сите избори бил политички активен, а голем личен придонес даде во кампањата 2021 година кога на локалните избори СДСМ го поддржа Фатмир Дехари од ДУИ за градоначалник на Кичево.
За време на кампањата координаторите на СДСМ и ДУИ во Кичево постигнале взаемна согласност дека доколку Дехари биде избран за градоначалник, тогаш Тино Алексов ќе биде секретар на општината.
Во вториот круг Фатмир Дехари со 1.800 гласа разлика и со значајна поддршка од СДСМ го победи д-р Александар Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ.
Но, наместо Тино Алексов, пред неколку дена за секретар на општина Кичево ја назначи младата Анета Настеска, која има 3 години стаж во оваа институција. Сепак, нејзиното влијание во СДСМ Кичево е многу поголемо од она на еден од основачите на партијата, бидејќи мајката на Анета, Менка Јаневска, е долгогодишен јавен обвинител, а нејзиниот вујко Ванчо е со висока функција во Македонски шуми во Скопје.
Така, по 30 години партиска активност Тино Алексов извиси, го пасивизира своето членство во СДСМ и во ФБ статус напишал “дека е време безусловно да ја напушти бандата”, алудирајќи на неговата матична партија.
Целиот статус на човекот што три децении бил во СДСМ
ВИСТИНСКА ПРИКАЗНА
Си беше еднаш еден млад човек, образован и полн со ентузијазам. Штотуку беше завршил факултет и упорно бараше начин за егзистенција.
Во тие моменти на транзиција на државата, се формира една банда. На младичот му се допадна програмата на бандата која сакаше да се грижи за сите, посебно ‘робинхудовски’ да се грижи и за сиромашните. Реши да се приклучи и тој кон бандата. И беше во првите 15 зачленети. Таков каков што беше, се вклучи со целиот свој капацитет.
И тогаш започнаа пљачките, една, па после неколку години друга, па трета. Младичот, како што е редот, чекаше дел од пленот. Но, никако да дојде ред на него. Во бандата постоеше еден глупав принцип – да се дели пленот на тие што се од градот. За тие од селото, каде што по некоја случајност се наоѓаше младичот, немаше ништо оти не биле од градот.
Така во првата пљачка, па во втората, така и во третата. За младичот немаше дел од пленот, плен имаше само за тие од градот. Но, беше упорен и го водеше напред мислата дека е доволно добро ако на другите им е добро. И како што беше воспитан, се радуваше секогаш кога некој друг ќе земеше дел од пленот.
И дојде време, после 30 години, плен да се дели и во селото. И само што помисли дека конечно дојде и редот, некогашниот младич, а сега ветеран, да земе дел од пленот што долго време го чекаше и му беше повеќе од заслужен – повторно ништо. Веќе не беше битно кој колку време е член на бандата, кој колку придонесол, кој колку знае и може. Одеднаш на шефовите на бандата им беа битни други интереси. Пленот го дадоа на други, без срам и перде, полни со разни образложенија, како она дека главните шефови немале слух за ситуацијата во селото, па дека и други членови на бандата не зеле плен… И така во недоглед.
Но, веќе ништо не можеше да има значење кај некогашниот младич, а сега ветеран. Конечно, после многу време, му беше јасно дека за него плен ќе нема никогаш. И дека е време безусловно да ја напушти бандата. Секако дека тоа не можеше да биде лесно. Самата помисла на времето посветено на развој и растење на бандата, наместо со семејството и најблиските, му оставаше горчлив вкус во устата и чувство на измаменост.
Стана свесен дека треба да е горд на сето она што го постигнал на личен план, со свој труд и знаење. Горд што има здраво и живо прекрасно семејство. И дека никој не покажува со прст на него и образот му е чист.
Ја зеде членската книшка од бандата и ја стави во кутијата со спомени.
Но, ја смести најдолу.
П.С.
Текстот е оригинал.
Секоја сличност е намерна.
П.П.С.
Кој сфати – сфати.
https://m.facebook.com/story.php?story_fbid=10227638872695430&id=1174817879





