Македонија е скапоцен камен, но ви треба поголема промоција – еве како туристичките водичи од регионот гледаат на земјава

Македонија е скриен скапоцен камен. Вака Материја Крегар Глиха, туристички водич од Словенија ја опишува нашата земја. Прашавме туристички водичи од регионот, што мислат за Македонија како дестинација. Дали е атрактивна, дали е доволно промовирана, кои се добрите страни, но и слабостите. Водичот од Љубљана вели дека во 1985 година првпат ја посетила Македонија на матура, а потоа повеќе пати приватно престојувала во државава, и ја препорачува на другите.



„Македонија е скриен скапоцен камен, но треба да се потрудите да ја најдете на туристичката мапа. Вистина е, има многу малку промоција, сакам да ја посетам поради моето искуство, а посетителите доаѓаат врз основа на препораки. Многупати и моите гости ме прашуваат како е во вашата земја, дали вреди „да се оди во Македонија“. Се разбира, топло ја препорачувам земјата“, вели Крегар Глиха.

Според неа, има многу содржини кои се одлични, но недоволната промоција, недоволната видливост се кочница. Додава дека Охрид е место каде сè е подготвено за посетителите, од локалитети, до ресторани со добра храна, патување со брод, пазар каде можат да разговараат со локалните жители. Нашата соговорничка објаснува дека за туристите е важно да знаат дека земјата е достапна, безбедна и разновидна.

„Денес посетителите сакаат да се вклучат во искуства – можеби работилница каде што се прикажува изработката на охридскиот бисер или работилница за готвење каде посетителите можат да научат како да направат некој вид домашен специјалитет (ајвар, баклава,…) – сигурно можат да уживаат во активности кои не се достапни дома. При дизајнирање на понудата, од суштинско значење е да се вклучат туристички водичи кои секојдневно ги угостуваат посетителите. Тие точно знаат кој е најновиот тренд кај посетителите, бидејќи секојдневно им кажуваат што сакаат, од што се изненадени, што ги инспирира и што им недостасува. ПР-от е многу важен – како да стигнат до вас: воздушни врски, патни врски, железница. Фокусирајте се на целната публика: младите луѓе кои сакаат добро да јадат и пијат, исто така, се одлучуваат за некое разгледување и вечерна забава. Постари парови кои имаат многу време и патуваат или со сопствен автомобил или ангажираат возач“, изјави словенечкиот водич.

Вели дека Скопје како главен град и Охрид како најпознат туристички центар се појдовна точна, но треба да се промовираат и помалку познатите места. Советува дека е добро во рамки на регионални тури Македонија почесто да биде вметната и така да привлече повеќе туристи, а како добар начин за промоција ги издвои и онлајн турите кои се пренесуваат на интернет и се достапни за поширок аудиториум.

Божена Вељковиќ која е полски туристички водич и работи за агенцијата Rainbow Tours во Полска, а живее во Белград, од 2006 година носи полски туристи во Македонија, и се сеќава дека во земјава има и хотели кои пропаѓаат, изгледаат тажно, и треба да се средат. Објаснува дека на Полјаците им се допаѓа гостопримливоста на мештаните без разлика дали се во Скопје, Охрид, Берово, Кратово или Струмица.
Линк до целиот текст.