Новите даноци ќе стават клуч на врата на компаниите-предупредува бизнисот

Клуч на врата и отпуштање работници. Стопанствениците револтирани – ако Владата ги усвои новите даночни реформи ќе згаснат илјадници бизниси, фирмите ќе се селат надвор од земјава.Новите давачки се закана и за раст на сивата економија предупредува бизнис заедницата која изречито е против ваквата идеја.



Бизнисите кои се уште не можат да закрепнат од катастрофално лоша финансиска состојба поради зголемените трошоци за енергенси и суровини со месеци бараат предвидливост на даночната политика, а не воведување нови и зголемени даноци кои го чинат нивниот опстанок. Дел од стопанствениците од земјава веќе ги преселуваат фирмите надвор, а во последните година две поради неликвидност згаснаа неколку илјади.

„Идејата да се воведат данок на личен доход на капиталните добивки на каматите на штедните влогови и некои други лични приходи е во ред. За плаќање на придонеси за здравствено и пензиско осигурување на договорите за дело мора да се направи разлика помеѓу вработените и невработените. Најпроблематична е идејата за укинување на даночното ослободување на реинвестираната добивка. Од една страна државата преку разни проекти врши поврат на направените инвестиции во опрема, а од друга страна сака да ги оданочи средствата од добивката кои ќе ги инвестираат компаниите. Ова е во чиста спротивност на едното со другото. За идејата за прогресивен данок на личен доход, па зашто да не и на данок на добивка мора да се направи добра анализа кој ќе биде прагот на оданочување. Кај данокот на личен доход тој не треба да биде испод 2000 евра месечно, а за данок на добивка испод 1 милион евра со цел да се оданочат најбогатите поединци и компании.” – Ангел Димитров – Организација на работодавачи.

Пред два дена министерството за финансии пред најголемите стопански комори предложило за хонорарците да се плаќа здравствено и пензиско осигурување, укинување на даночно ослободување по основ на реинвестирана добивка, одданочување на капиталните добивки остварени од продажба на хартии од вредност. Граѓаните и фирмите од следната година ќе почнат да плаќаат данок на штедните влогови во банките. Прогресијата во стапките кај персоналецот која требаше да се врати во 2023-та се одложува повторно. Најавите беа дека прогресивните стапки ќе се вратат на голема врата во 2023-та и тоа не само за личниот доход, туку и кај некои други даноци. Во меѓувреме, прогресија се воведе кај данокот на имот, но некои општини не изгласаа повисоки стапки за становите и земјиштата.